Со цел одбележување на јубилеј - 70 години од изградбата на објектот на Феријалното одморалиште во Охрид и објавувањето на книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ под авторство на Борис Чипан како и презентација на конкурсните проекти од неодамна спроведениот интернационален архитектонски конкурс „Наутички клуб – Охрид“, со задоволство ве покануваме да присуствувате на настанот

„Начинот на Чипан“
изложба + дискусија + публикација.

I.

„1955 г. - Архитектонското наследство како основа за современо проектирање“


Дискусија 

Во рамки на првата панел дискусија ќе се направи компарација помеѓу препознавањето, вреднувањето и третирањето на архитектонското наследство во минатото и денес.

Модератор:
маг. инж. арх. Симона Чингоска - 
АРХРИД

Учесници:
1. М-р Горан Патчев
виш конзерватор и актуелен директор на НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид, ќе зборува за континуитетот во институционалната заштита на архитектонското наследство.

2. Проф. Д-р Ана Ивановска Дескова
професорка на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ, ќе зборува за потенцијалот кој го носи модернистичкото наследство во Охрид и потребата од негово препознавање и заштита.




Изложба 

Изложбената поставка нè враќа во 1955 година. Две работи важни за архитектурата во Охрид (и Македонија) се случуваат во овој период: се воспоставуваат основите на институционалната заштита на архитектонското наследство и паралелно се прави исчекор кон модерната архитектура, а како предводник на истите се јавува Борис Чипан.

Поаѓајќи оттука, замислата на првиот дел од изложбата е преку низа негови избрани цитати поставени во корелација со соодветни графички прикази да се направи компаративна анализа на процесот на работа во полето на заштита на архитектонското наследство како и пристапот кон современото проектирање, согледан од тогашна временска перспектива, каде Чипан се јавува како наратор кој ги води посетителите низ изложбената поставка.

II.

„2025 г. – Што со модернистичкото наследство денес? Архитектонскиот конкурс како алатка“


Дискусија

Во рамки на втората панел дискусија ќе се даде акцент на улогата на архитектонските конкурси во поглед на препознавање на потенцијалот и значењето кое го носи постоечкото модернистичко наследство во Охрид, со осврт на конкретен пример – неодамна спроведениот интернационален конкурс за ревитализација на објектот на Феријалното одморалиште во Охрид.

Модератор:
арх. Стефан Назифовски
АРХРИД

Учесници:

1. Маг. инж. арх. Марија Димитриевска Цилакова -
основач на архитектонското студио Архитектура Нова, ќе зборува за искуствата со конкурсната практика во Македонија и регионот.

2. Маг. инж. арх. Омар Рота -
коосновач на TerraViva (платформата за интернационални архитектонски конкурси), ќе ја презентира работата на италијанската организација TerraViva која спроведува интернационални конкурси на тема заштита и ревитализација на објекти, места и простори.

3. Проф. - Д-р Јован Ивановски –
професор на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ, како член на жирито на интернационалниот конкурс „Наутички клуб – Охрид“ ќе даде осврт на значењето од неговото спроведување и крајните резултати.




Изложба

Фокус во вториот дел на изложбата е презентација на победничките проекти од неодамна спроведениот интернационален архитектонски конкурс за ревитализација на Феријалното одморалиште во Охрид – „Наутички клуб Охрид“, но прикажани во корелација со моменталната состојба на објектот. Идејата е преку примерот на овој конкретен модернистички објект, влечејќи директна инспирација од „начинот на Чипан“, да се да се започне акција за вреднување на модернистичкото наследство во Охрид кое согледано од перспектива на нашата современост веќе претставува составен дел од архитектонскиот идентитет на градот.

III.

Публикација : „Начинот на Чипан“

Публикацијата претставува збирка на текстови од повеќе автори групирани во три дела. Првиот дел содржи краток осврт на ликот и делото на Борис Чипан преку кој се потенцира неговото значење за Охрид. Од целокупното негово творештво, фокусот е ставен на две негови значајни дела кои се работени во ист период (1955 г.) – објектот Феријално одморалиште во Охрид и публикацијата „Стара градска архитектура во Охрид“. Вториот дел од публикацијата е посветен на објектот на Феријалното одморалиште – „Младост“ кој е избран како еден практичен пример од низата на модернистички објекти во Охрид кои чекаат да бидат препознаени, вреднувани и заштитени. Во овој дел анализирани се сите фази на развој низ кои поминал објектот, презентирана е сегашната состојба заедно со актуелната планска документација и потенциран е потенцијалот кој го носи овој објект за негова ревитализација. Третиот дел претставува презентација на резултатите од успешно спроведениот интернационален архитектонски конкурс „Наутички клуб Охрид“ со што, целта е актуализација на конкурсот како можна алатка за тестирање на потенцијалите кои ги носи одреден објект. *Публикацијата „Начинот на Чипан“ ќе може да се набави на денот на настанот.

Со организацијата на настанот „Начинот на Чипан“ кој вклучува публикација, дискусија и изложба, влечејќи директна инспирација од работниот процес на Чипан (проучувајќи ја традицијата проектира современо), тимот на АРХРИД се става во истата позиција, но гледано од друга временска перспектива, каде модернистичкото архитектонско наследство е веќе составен дел на нашето минато кое треба да биде проучено, вреднувано и соодветно третирано од аспект на денешната современост. Освен одбележување на гореспоменатите јубилеи и паралелна промоција на конкурсните трудови од спроведениот интернационален архитектонски конкурс, крајната цел на настанот е афирмација на современото архитектонско творештво преку ретроспективно согледување на значењето на вредното проектантско и публицистичко творештвото на Чипан како архитект и конзерватор.

Со реализација на изложбата која е поделена во два дела (1955 г. – 2025 г.) целта е, преку анализа на два конкретни практични примери: книгата „Стара градска архитектура во Охрид“ и објектот на Феријалното одморалиште во Охрид – двете под авторство на архитект Борис Чипан, да се презентира компаративно согледување на предизвиците и процесот на работа во полето на архитектурата во Охрид од две различни временски перспективи – минатото во однос на сегашноста и сегашноста во однос на иднината.

Имајќи ја предвид комплексноста на изложениот материјал, со цел да се доближи значењето на физички изложените продукти до пошироката публика, но исто така и да се поттикне архитектонски дискурс кој подолго време му недостасува на Охрид, во рамки на настанот се планирани две панел дискусии коишто ќе претставуваат вовед во двата дела на изложбата соодветно.